Глуварче[2], млечка[3] или млечна козица (науч. Taraxacum) — голем род на цветни растенија од фамилијата на главоцветните (Asteraceae) со потекло од Евроазија, Северна и Јужна Америка. Од нив, обичното (T. officinale) и црвеносеменото глуварче (T. erythrospermum) се среќаваат како плевел ширум целиот свет.[4] Обата се целосно погодни за исхрана.[5] Како и другите членови на фамилијата штитоцветни, глуварчињата имаат голем број мошне ситни цветчиња сместени во соцветие. Многу видови го создаваат семето бесполово (со апомиксија, односно без опрашување) и затоа секое ново поколение е генетски истоветно со родителите.[6]
Членовите на овој род се двегодишни или повеќегодишни зелјести растенија од умерени подрачја на стариот и новиот свет.
Листовите се долги 5–25 см (или повеќе), прости и целосни или со залистоци. Имаат розовиден распоред над глацниот корен. Соцветијата се жолти до портокалови, отворени дење и затворени ноќе. Стојат на шупливо стебленце што се издига 1–10 см (или повеќе)[4] над листовите и лачи гумена млеч (латекс) ако се поткрши. Едно растение може да има неколку вакви стебленца. Соцветијата имаат пречник од 2–5 см и се состојат зрачно поставени цветчиња. Кога ќе узреат, соцветијата стануваат топчести семеносни глави[7] со голем број едносемени плодови наречени ахени. Секоја семка има „падобранче“ со тенки влакненца (папус) која овозможува расејување на големо растојание со помош на ветерот.
Соцветијата се обиколени со прицветници во две низи. Внатрешните прицветници се испаравени додека не узрат семињата, а потоа се наведнуваат за да ги расеат. Надворешните секогаш се наведнати. Дршките на падобранчињата се издолжуваат со созревањето на семето и потоа лесно се одвојуваат од него.
Повеќе видови глуварчиња се шират со значителна брзина и виреат на буништа и соголена почва. Ова особено важи за обичното глуварче. Кога ќе заврши цветањето, соцветието се суши во текот на еден до два дена. Сувите делови овенуваат и паѓаат, прицветниците се свиваат наназад и излегува топка од падобранчиња со семки.
Постојат разни слични растенија со жолти цветови од фамилијата на главоцветните кои се нарекуваат „лажни глуварчиња“. Особено слично на глуварчето е мачкиното уво (Hypochaeris). Обете имаат слични цветови и семки на падобранчиња Разликата е во тоа што глуварчето има единечно неразгрането шупливо стебленце, без влакненца и листови, додека пак мачкиното уво има разгрането и цврсто стебленце со прицветници. Листовите кај глуварчето се мазни, а кај мачкиното уво се влакести.
Површни сличности со глуварчето имаат и јастребинката (Hieracium) и четинарката (Crepis), но видно се разликуваат по разгранетите цветни стебленца што обично имаат влакненца и листови.
Родот е таксономски сложен. Некои ботаничари го делат родот 34 макровидови и околу 2000 микровидови.[8] Во Британија и Ирска се забележани приближно 235 апомиксни и полиплоидни микровидови.[9] Некои стручњаци даваат мошне потесна дефиниција, прифаќајќи само 60 вида.[8]
Глуварчињата се собирале како прехранбена состоја уште од праисторијата, а почнале да се одгледуваат во Евроазија. Листовите се кинат и повторно растат бидејќи глуварчето е повеќегодишно растение. Се приготвуваат со бланширање за да се отстрани горчината.[10] или се динстаат како спанаќот.[11] Листовите и цветовите на глуварчето се составен дел од сефардската, кинеската и корејската кујна. Се приготвуваат и како салата.
Од цветните ливчиња се правати се прави сок, а од корењата се прави напиток налик на чај или кафе.[12]
Листовите изобилуваат со витамините А, Ц и К, калциум, калиум, железо и манган.[13]
Глуварчето низ историјата се ценело како растение со различни лековити својства поради тоа што содржи најразлични фармаколошки активни соединенија.[14] Застаоено е во треварството во Европа, Северна Америка и Кина[14] како лек за инфекции и проблеми со жолчката и црниот дроб,[14] и како диуретик.[14]
Во градинарството, глуварчето важи за благотворен плевел со голем број намени и може да биде добро придружно растение. Бидејќи корењата им се длабоки, глуварчињата ги земаат хранливи состојки од подолните слоеви и ги ставаат на располагање на растенијата со поплитки корења. Ја збогатуваат почвата со минерали и азот, привлекуваат инсекти-опрашувачи и испуштаат етилен кој помага при созревањето на плодовите.[15]
Глуварчето е познато медоносно растение во пчеларството.
При повредување на ткивото, глуварчето лачи гумодајна млеч. Дивите видови даваат малку млеч и начелно, количината во голема мера се разликува. Во Германија е создадена сорта погодна за добивање на гума. Добиената млеч има исти својства како каучук од каучуково дрво.[16] и веќе се испробува за употреба за автомобилски гуми.[17]
Глуварче, млечка или млечна козица (науч. Taraxacum) — голем род на цветни растенија од фамилијата на главоцветните (Asteraceae) со потекло од Евроазија, Северна и Јужна Америка. Од нив, обичното (T. officinale) и црвеносеменото глуварче (T. erythrospermum) се среќаваат како плевел ширум целиот свет. Обата се целосно погодни за исхрана. Како и другите членови на фамилијата штитоцветни, глуварчињата имаат голем број мошне ситни цветчиња сместени во соцветие. Многу видови го создаваат семето бесполово (со апомиксија, односно без опрашување) и затоа секое ново поколение е генетски истоветно со родителите.