dcsimg

Црноглаво грмушарче ( Macedonian )

provided by wikipedia emerging languages

Црноглавото грмушарче (науч. Sylvia atricapilla) е често и широко распространето грмушарче. Претежно е маслинавосиво одозгора и посветло сиво одоздола, а разликите меѓу петте подвида се мали. Двата пола имаат уредни обоени капи на главата, мажјаците - црна, женките - црвеникавокафеава. Оваа птица е распространета низ речиси цела Европа и северозападна Африка и преферира стари листопадни шуми. Ја има и во Македонија.

Распространетост

Распространетоста на црноглавото грмушарче е голема, а и бројот на птиците полека се зголемува. Вкупниот број се проценува на околу 10 милиони поединеци, од кои најмногу се во Европа од 75 до 94%. Од 1980 има нагорен тренд, на умерено зголемување на популацијата, проценето врз основа на прелиминарните податоци за 21 земја во Европа, вклучени во општата шема за Мониторинг на обичните видови птици.[2]

Оваа птица е делумен мигрант. Распространета е од северозападна Африка, преку југозападна Азија, западен Сибир, Атлантскиот брег, до долината на реката Об, Мала Азија и Кавказ. Се среќава во цела Европа, со исклучок на северните делови од Скандинавија.[3]

Опис

Црноглавото грмушарче е големо колку селското врапче, а телото му е тенко и стројно. Должината на телото е 13-15 см, а распонот на крилјата е 20-23 см. [4]

Пердувите му се сивокафеави одозгора, а долниот дел од телото е посветол, белкав. Мажјаците имаат изразито црно теме, а кај женките и младенчињата тоа е црвенокафеаво. [3] Пердувите на крилјата и опашката му се сиви.

Песна на мажјакот, Москва

Песната е мелодична и јасна со карактеристичен, малку меланхоличен звук, потсетувајќи на флејта. Главно пеат мажјаците и многу ретко женките. Повикот за тревога е остар и отсечен, потсетува на чек-чек-чек. Понекогаш ја имитира песната на другите птици,[5] а најчесто на градинското грмушарче и славејчето.

Живеалиште и однесување

Живелаиштето на црноглавото грмушарче се шумите. Се среќава по рамнинските предели со грмушки, но и во планинските до 1.700 метри надморска височина. Живее во парковите и градините во населените места, во шумичките крај реките и густите листопадни шуми. Во Европа ги претпочиа смрековите шуми, но сака влажни области покрај езера.

Понекогаш лета кратко, како сколовранец, па слетува, а понекогаш личи на сипка и виси со главата надолу. Често се перчи на некоја висока гранка и до 20 метри височина, и храната ја набавува таму. Ја собира од тенките гранчиња и лисја, а понекогаш во грмушки или на земја.

Во сезоната на парење се храни со различни инсекти, бубачки, муви, комарци, ларви, мекотели и пеперуги и нивните гасеници. Другиот период јаде овошје и бобинки, како цреши, малини, капини, боровинки и др.[3] Птицата помага за ширење на овие растенија, бидејќи во стомакот не ги преработува добро нивните семиња. Тоа е исклучително снаодливо при исхраната. Забележани се птици кои со клунот ги отвараат овошките и ја јадат само нивната внатрешност. Интересни случаи се забележани во Шпанија, каде птиците ги јадат малите маслинки цели, а на поголемите ја исколвуваат само надворешноста, а семката ја оставаат. Во Англија е регистриран случај во кој црноглаво грмушарче отвора капак на сад, за да си земе грашок. [4]

Размножување

 src=
Јајца
 src=
Пилиња

На тероторијата на размножување први пристигнуваат мажјаците кои веднаш заземаат определена големина од теренот. Вообичаено тоа е површина од 0,2 до 0,9 хектари за една двојка. Некои од нив заземаат територија 3 до 5 пати поширока од потребната, но подоцна таа брзо се намалува под притисок на новодојдените птици, додека не дојде до вообичаената големина.[4] Веднаш по пристигнувањето мажјакот започнува интензивно да пее, за да ја привлече женката. Песната му е тивка и може да се слушне само од блиску. Тој е добар пејач и напролет пее од утро до мрак.[6]

Гнездото започнуваат да го прават 10-20 дена по пристигнувањето. Го градат на мали листопадни или иглолисни дрвја или грмушки. Понекогаш го градат високо на дрвото, но тогаш е далеку од стеблото, на периферијата во густата крошна. Најчесто се на височина од 1 до 2 метра од земја. Го градат двете птици во тек на 5-6 дена.[6] Има форма на чашка, а е изградено од треви, коренчиња, мов и лишаи. Послано е со мали пердувчиња, влакна и тенки, уредно наредени суви тревки. [3]

Во некои земји, видот често гнезди во близина на косот и обичната ѕвингалка. [4] Растојанието помеѓу две соседни гнезда обично е помеѓу 70 и 100 метри. На површина од 1 км² може да има 3 до 55 пара. Во зима овој број може да достигне до 500 птици, а во февруари и до 1000, по што се намалуваат до 700 на км² во март . [4]

На крајот на април или почетокот на мај женката снесува од 4 до 6 светлокафеави или валкано бели јајца, ситно испрскани со рѓави и кафеави дамки. Двете птици ги инкубираат на смени во текот на 11-12 дена. Првите денови по изведувањето женката речиси постојано ги загрева, дури и кога е убаво времето, но по 2-3 дена почнува да му помога на мажјакот при хранењето. Младенчињата го напуштаат гнездото по 14 дена, но родителите, главно мајката, продолжуваат да ги хранат уште десетина дена. [3] [6] На едногодишна возраст птиците стануваат сексуално зрели. Имаат две легла годишно - првото во април, а второто во јули. Второто легло има помалку јајца. Ако првото легло е неуспешно, можно е едната птица да ја напушти територијата, но најчесто обата родитела остануваат заедно и за второто легло. [4]

Наводи

  1. BirdLife International (2012). Sylvia atricapilla. Црвен список на загрозени видови на МСЗП. Верзија 2012.1. Меѓународен сојуз за заштита на природата. конс. 16 July 2012. (англиски)
  2. Bird Life International/Blackcap Sylvia atricapilla
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Цоло Пешев, Симеон Симеонов, "Атлас зоологија. 'рбетници" од "Народна просвета", 1982 г.ISBN 954-01 - 0204-9, стр.246
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 .org/monitoring/bg/product-view/3/30.html Бугарско друштво за заштита на птиците / Црноглаво грмушарче (Sylvia atricapilla)
  5. Simms (1985) pp. 56–67.
  6. 6,0 6,1 6,2 [ http://www.apus.ru/site.xp/049051054053051124050054052049.html AРUS / Славко черноголовая ]

license
cc-by-sa-3.0
copyright
Автори и уредници на Википедија

Црноглаво грмушарче: Brief Summary ( Macedonian )

provided by wikipedia emerging languages

Црноглавото грмушарче (науч. Sylvia atricapilla) е често и широко распространето грмушарче. Претежно е маслинавосиво одозгора и посветло сиво одоздола, а разликите меѓу петте подвида се мали. Двата пола имаат уредни обоени капи на главата, мажјаците - црна, женките - црвеникавокафеава. Оваа птица е распространета низ речиси цела Европа и северозападна Африка и преферира стари листопадни шуми. Ја има и во Македонија.

license
cc-by-sa-3.0
copyright
Автори и уредници на Википедија